Ahmet Gürhan Kartal
25 Октомври 2022•Ажурирај: 26 Октомври 2022
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка во заминување, Лиз Трас, во своето последно обраќање денес како премиерка рече дека претстојат посветли денови за Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред Даунинг стрит 10, Трас рече: „Едноставно не можеме да си дозволиме да бидеме земја со низок раст каде што Владата зазема сè поголем дел од нашето национално богатство... и каде што има огромни поделби меѓу различни делови од нашата земја.”
„Треба да ги искористиме нашите слободи кои произлегоа од Брегзит и да работиме поинаку“, додаде Трас.
„Тоа значи поголеми слободи за нашите граѓани и враќање на моќта на демократските институции. Тоа значи пониски даноци, така што луѓето ќе можат да задржат повеќе од парите што ги заработуваат. Тоа значи постигнување на раст што ќе доведе до поголема сигурност на работните места, повисоки плати и поголеми можности за нашите деца и внуци“, нагласи Лиз Трас.
Таа изјави дека „огромна е честа да се биде премиер на оваа голема земја, особено да се води нацијата во жалост за смртта на нејзиното височество кралицата по 70 години нејзина служба, и да се пречека стапувањето на неговото височество кралот Чарлс Трети“.
Трас додаде дека Велика Британија продолжува да се бори низ бура.
„Но, јас верувам во Британија, верувам во британскиот народ. И знам дека претстојат посветли денови.“
Трас подоцна замина за Бакингемската палата за да се сретне со кралот Чарлс Трети и официјално да ја поднесе својата оставка.
Вчера, поранешниот министер за финансии, Риши Сунак, стана нов лидер на ториевците, откако втората кандидатка Пени Мордоунт се откажа од трката за лидерската позиција неколку минути пред истекот на крајниот рок за кандидирање.