Tevfik Durul
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
АТИНА (АА) - Првата џамија во Атина, главниот град на Грција, е отворена за богослужба со преземање мерки против Ковид-19 и по 14-годишно планирање и изградба, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Атинската џамија е отворена за богослужба на 2 ноември 2020 година, со мерки преземени против Ковид-19“, се наведува во соопштението на грчкото Министерство за образование и верски прашања.
Се наведува дека завршени се потребните работи за безбедност, хигиена и заштита на џамијата и дека отсега натаму во џамијата ќе може да се врши богослужба пет пати на ден.
- Поради епидемијата, богослужбата во џамијата е ограничена на 9 лица -
Меѓу другото, во соопштението се истакнува дека поради Ковид-19 официјалното отворање на џамијата е одложено за друг датум и дека за време на дневните молитви поради епидемијата ќе можат да се клањаат 9 лица.
Првиот имам на џамијата ќе биде Мухамед Заки, 49-годишен грчки државјанин со мароканско потекло.
„Долгите напори на последователните влади од 2006 година се завршени. Грција даде јасна порака за демократијата и слободата на религијата и дома и во странство“, рече Јорго Калаиѕис, генерален секретар за верски прашања на Грција.
- Џамијата нема минаре -
Изградбата е реализирана во неактивен кампус во сопственост на Командата на поморските сили на Грција во населбата Вотаникос.
Џамијата е со големина од околу 850 квадратни метри и има капацитет за 350 луѓе. Џамијата нема минаре.
- Одлуката за изградба на џамијата беше донесена во 2006 година -
За џамијата беше одобрен буџет од 887.000 евра, а во дворот на џамијата има игралиште за деца и фонтана.
Одлуката за изградба на џамијата за прв пат беше донесена во 2006 година, но поради одолговлекување на бирократските процедури, правните пречки и реакциите на екстремната десница, повеќе од 10 години не можеше да се започне со изградба.
Администрацијата на џамијата ќе биде предадена на 7-член совет, кој се состои од двајца владини претставници, двајца претставници од општината, еден судија и двајца претставници од муслиманските заедници.