Dildar Baykan
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ВАШИНГТОН - Во Соединетите Американски Држави (САД) започна процесот на гласање на 59-тите претседателски избори, на кои се натпреваруваат републиканскиот кандидат Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден, избори опишани како најкритични избори во земјата во последниот период, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американците на овие избори покрај гласањето за новиот претседател на Соединетите Американски Држави, ќе гласаат и за новиот состав на целиот Претставнички дом со 435 места, еден од двата дома на Конгресот, и за 35 места во 100-члениот состав на Сенатот.
Во земјата со три различни временски зони, почетокот и крајот на гласањето ќе варира во зависност од сојузната држава во која се одвива гласањето.
Според временската зона на источниот брег, гласањето започна во 6:00 часот во Њујорк и Вирџинија по локално време (12 часот по средноевропско време), а во најкритичните држави Флорида и Пенсилванија и во главниот град Вашингтон во 7:00 часот по локално време.
Гласачите формираа долги редици пред центрите за гласање во главниот град Вашингтон.
Гласачките кутии во Вирџинија и Флорида ќе се затворат во 19:00 часот (среда 1:00 часот по средноевропско време - СЕВ), во Вашингтон и Пенсилванија во 20:00 часот (среда 2:00 по СЕВ), додека во Њујорк гласачките кутии ќе бидат затворени во 21:00 часот (3:00 часот по СЕВ).
- Процесот на гласање по пошта може да доведе до хаос -
Проширувањето на методот „поштенско гласање“ на речиси 70 проценти од вкупното гласачко тело поради епидемијата, кој во суштина постои веќе долго време во САД, се очекува да игра важна улога во обликувањето на изборните резултати.
Фактот дека гласовите дадени по пат на поштенско гласање во некои држави не можат да се бројат сè до 3 ноември и можноста за прифаќањето на одобрените гласови што ќе пристигнат ден по изборите во критичните држави како што е Пенсилванија, уште повеќе го комплицираат целиот процес.
- Речиси 100 милиони гласачи го искористија правото на рано или предвремено гласање -
Осврнувајќи се на гласањата во САД спроведени во последно време, во кои стапката на гласање не достигнува 60%, забележително е дека оваа година постои зголемување на бројот од предвременото гласање на гласачките места или по пошта.
Речиси 64 милиони од скоро 100 милиони луѓе во земјата го искористија правото да гласаат по пошта, а повеќе од 35 милиони гласаа во центрите за предвремени избори.
- Патот до Белата куќа го градат „270 делегати“ -
На претседателските избори во САД гласачите всушност гласаат за делегатите на партијата што ја поддржуваат. Според системот наречен Изборен колегиум (Electoral College), во САД се избираат вкупно 538 делегати. Кандидатот што ќе освои еден делегат повеќе од половината на оваа бројка, односно 270 делегати, добива право да биде претседател.
Една од највпечатливите одлики на американскиот политички систем, во кој се почитува рамнотежата меѓу државите, е дека претседател станува оној кандидат што ќе освои повеќе делегати, а не повеќе гласови.