Ömer Faruk Yıldız
08 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезискиот премиер Махатир бин Мухамед го повика американскиот претседател Доналд Трамп да си даде оставка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Махатир на прес-конференција, во рамките на меѓупарламентарната конференција „Платформа за Ерусалим“, одговараше на прашањата на новинарите во врска со наводниот Мировен договор претставен од Трамп.
На прашањето за совет до Трамп кога станува збор за таканаречениот Мировен договор, Махатир одговори: „Оставка“.
Третата меѓупарламентарна конференција „Платформа за Ерусалим“ започна во Куала Лумпур, Малезија. На конференцијата, што претходно двапати се одржа во Турција, оваа година учествуваат околу 500 официјални претставници од неколку земји.
Махатир рече дека споменатиот наводен договор нема да донесе никакво решение во однос на воспоставувањето независна палестинска држава.
„Малезија овој предлог го смета за крајно неприфатлив и неправеден“, рече малезискиот премиер, истакнувајќи дека овој план му го нуди на Израел светиот град Ерусалим на златна чинија.
Смета дека овој таканаречен Мировен план на регионот ќе му донесе само додатни судири.
„Овој план е насочен кон вознемирување на милијарди луѓе во светот. Еднострано е подготвен и не се сослушани идеите на другата страна, Палестина. Должност на луѓето во светот е да не допушти палестинското прашање да биде занемарено и турнато под тепих. Малезија ќе продолжи да ја поддржува Палестина“, рече малезискиот премиер.
Ја повика меѓународната заедница почесто и погласно да говори за палестинското прашање.
Турската делегација на оваа конференција е предводена од Хасан Туран, претседател на Меѓупарламентарната група на турско-палестинското пријателство.