Khalid Mejdoup,Gülşen Topçu
28 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
РАБАТ (АА) - Претседателот на Врховниот совет на Либија, Халид ал Мишри, истакна дека Либија направила јасен договор со Турција за одвраќање на нападите на нелегитимните сили на Калифа Хафтар од источниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ал Мишри на заедничката прес-конференција по средбата со министерот за надворешни работи на Мароко, Насир Бурита, во Рабат, истакна дека на 27 ноември 2019 година со Турција е потпишан Меморандум за безбедност и воена соработка.
„Владата на национално единство, откако Хафтар беше поддржан од 6-10 земји, побара помош од Турција. Немавме моќ да го браниме нашиот легитимитет против сите овие земји“, нагласи Мишри, додавајќи дека Либија од 2013 година е подложена на воена интервенција од страна на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет како и други земји, што е против меѓународните резолуции.
„Хафтар побара помош од многу земји и стигна до границите на Триполи, ние немавме друг избор освен да побараме помош од Турција. Секако, тоа се направи со јасни договори“, нагласи Мишри, критикувајќи ги земјите кои не сакаат Турција да ја поддржува легитимната Влада на Либија.
Министерот за надворешни работи на Мароко, Бурита, истакна дека е потребно ревидирање на Договорот од Сухејрат, потпишан меѓу либиските страни во 2015 година.
Мишри за ревидирање на Договорот од Сухејрат претходно разговараше со претседателот на Мароканскиот советодавен совет, Хаким Беншамаш.
Договорот од Сухејрат е постигнат во 2015 година под покровителство на ОН, а со Резолуцијата неговата содржина ја одобри и Советот за безбедност на ОН. Со договорот е формирана Владата на национално единство на Либија која доби мандат на водење политичка транзиција и организирање дијалог меѓу паралелните парламенти во Триполи и Тобрук.