Dildar Baykan
19 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Во Генералното собрание на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) изгласани се двете обвиненија за отповикување од функцијата на претседателот Доналд Трамп, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералното собрание на Претставничкиот дом на САД ги изгласа двете обвиненија против Трамп, за „злоупотреба на службената должност“ и за „нарушување на функционирањето на Конгресот“.
Обвинението за „злоупотреба на службената должност“ во Претставничкиот дом е одобрено со 230 гласа „за“, наспроти 197 гласа „против“ на пратениците.
Од друга страна, обвинението за „нарушување на функционирањето на Конгресот“ беше донесено со 229 гласа „за“, а „против“ гласаа 198 пратеници на Претставничкиот дом.
На гласањето сите републикански пратеници гласаа против. Привлече внимание тоа што на првото гласање двајца демократски пратеници исто така гласаа „против“, а на второто тројца пратеници.
Досието за случајот, во кое се вклучени обвиненијата, ќе биде испратено до Сенатот за конечна одлука за судење и за отповикување на Трамп од функцијата.
Трамп е третиот претседател за кого во Генералното собрание на Претставничкиот дом на САД се изгласани обвиненијата за отповикување од функцијата, по поранешните американски претседатели Ендру Џонсон и Бил Клинтон.
Се очекува Сенатот да го одржи првото рочиште на почетокот на идниот месец, а случајот да се финализира до крајот на месецот.
За отповикување на Трамп треба да има поддршка од две третини од сенаторите, но пратениците од републиканците го сочинуваат половината од Сенатот.
- Прв одговор на Трамп
Гласањето за отповикување на Трамп од функцијата се совпадна со неговиот митинг во Мичиген.
Трамп во неговиот говор, осврнувајќи се на гласањето, рече: „Јас сум првиот претседател за кого се изгласани обвиненија за отповикување од функцијата, а не постои никакво кривично дело.“
„Не се плашам“, рече Трамп за процесот во Сенатот.
- Изјава од Пелоси за Сенатот
Од друга страна, Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом, најави дека обвиненијата за отповикување на Трамп од функцијата вечерва нема да се испратат во Сенатот.
Одговарајќи на новинарски прашања, Пелоси рече: „Имавме таква намера, но таа одлука ќе ја донесеме како група. Прво ќе видиме што се случува во Сенатот.“
- Истрагата за импичмент на Трамп
Според тврдењата на свиркач (информатор), во телефонскиот разговор на 25 јули Доналд Трамп на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, му рекол дека САД ќе ѝ помогнат на неговата земја доколку започне истрага за Џо Бајден и неговото семејство.
Претседателката на Претставничкиот дом, демократката Ненси Пелоси, на 24 септември соопшти дека започнале процес за импичмент на Трамп со образложение дека „наштетува на националната безбедност на САД“ и дека ја „изневерил претседателската заклетва“.
Белата куќа на 25 септември го објави транскриптот од телефонскиот разговор Трамп - Зеленски во кој се тврди дека не станало збор за помош за Украина.
На 31 октомври, Претставничкиот дом гласаше за постапките на истрагата за импичмент и одлучи да одржат јавни расправи. Јавните сесии на Одборот за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом се одржаа од 13 до 21 ноември.
Трамп уште од првиот ден тврди дека тоа е „лов на вештерки на демократите кои не успеаја да пронајдат ништо во истрагата за Русија“.