Yusuf Özcan
18 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон не се откажува од реформите на пензискиот систем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи во Елисејската палата, Макрон изјави дека нема да се откаже од реформите кои предизвикаа реакции и критики во земјата.
Францускиот претседател напомена дека може да се измени возраста за заминување во пензија, а премиерот Едуард Филипе побара да се продолжат преговорите за тоа прашање за време на Божиќните празници.
Причината за незадоволството на граѓаните со најавената реформа е тоа што синдикатите сметаат дека спроведувањето на реформите би принудило милиони работници да работат подолго до заминувањето во пензија.
Во заедничкото соопштение на главните синдикати во земјата е наведено дека штрајковите ќе продолжат сѐ додека Владата не ја повлече пензиската реформа и дека тие нема да бидат запрени ни за време на Божиќните празници.
Меѓутоа, Филипе денеска одржува разговори со претставниците на синдикатите.
Во Франција и денеска, веќе четиринаесетти ден, се продолжени протестите и штрајковите поради пензиските реформи кои има намера да ги воведе администрацијата на претседателот Макрон. Поради штрајкот, голем број вработени, граѓани, се „жртви“ и денеска - не функционира поголемиот дел од метро-линиите и доаѓа до големи турканици.