Ekipa
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ПУТРАЏАЈА (АА) - Државните официјални претставници соопштија дека поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Резак, денес е приведен од страна на службеници за борба против корупција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека Резак бил однесен од неговата куќа во седиштето на Малезиската агенција за борба против корупција и дека Агенцијата наскоро ќе даде соопштение за јавноста. И неговиот помошник го потврди неговото апсење.
Малезиската агенција за борба против корупцијата го приведе и Риза Азиз, пасторок на поранешниот премиер Наџиб Резаз и холивудски продуцент, во склоп на истрагата за наводна кражба и перење пари во државниот инвестициски фонд „First Malaysia Development Berhad“ (1MDB).
Наџиб го основаше фондот кога дојде на власт во 2009 година, но во краток период Фондот западна во големи долгови.
Истражителите од САД наведуваат дека соработниците на Наџиб отуѓиле и извршиле перење на 4,5 милијарди долари од Фондот во периодот од 2009 до 2014 година.
Од Фондот се издвоени 27,3 милиони долари за купување на ретки дијамантски ѓердани за сопругата на премиерот.
Приведувањето на Наџиб се случи речиси два месеци по шокантниот пораз на неговата коалиција на општите избори во Малезија, на 9 мај.
Новиот премиер, Махатир Мухамад, повторно ја отвори истрагата за Фондот која беше потисната под мандатот на Наџиб.
Махатир, кој беше премиер на Малезија 22 години сè до 2003 година, изјави дека Наџиб ќе се соочи со последици доколку биде прогласен за виновен за проневера.