Amina Zorniç
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
МЕЛБУРН (АА) - Австралиските истражни органи кои ја предводат двeгодишната истрага за авионот MH370 на авиокомпанијата „Malaysia Airlines" соопштија дека е „намалена можноста“ исчезнатото летало некогаш да биде пронајдено, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пишува британскиот весник „The Guardian", Австралија не е „оптимист" , бидејќи до 11-ти мај годинава извршено е пребарување на повеќе од 115.000 километри квадратни од морското дно во јужниот дел од Индискиот Океан, со што останало да се пребараат само 15.000 квадратни километри.
„Кога започнавме со проектот на пребарување, нѐ советуваа најдобрите експерти, но сега не веруваме дека авионот би можел да биде пронајден во овааа област, бидејќи веројатноста е намалена. Мораме да размислуваме за можноста дека нема да можеме да го пронајдеме авионот. По две години, многумина ќе бидат разочарани, бидејќи ги оставивме срцата и душите во овој проект“, рече Мартин Долан, шеф на австралиското биро за безбедност на транспортот (ATSB), додавајќи дека целосното пребарување на морското дно би можело да заврши кон крајот на месец јуни.
ATSB минатата седмица соопшти дека два авионски дела, пронајдени на крајбрежјето од островот Маурициус „речиси сигурно“ му припаѓале на исчезнатиот авион.
Авионот MH370 исчезна на 8-ми март 2014 година на летот од Куала Лумпур кон Пекинг со 239 патници. По еден час од полетувањето, авионот престана да праќа сигнали кон контролата на лет и исчезна од радарот.
Неколку дена по мистериозното исчезнување, малезиската влада соопшти дека авионот го „нема“ и дека сите патници и членови на екипажот се мртви.
Најскапото пребарување во историјата на цивилното воздухопловство започна на 18-ти март 2014 година на површина поголема од 4,5 милиони квадратни километри. По пребарувањето со бродови и авиони, предност беше дадено на подводното истражување, но досега нема никакви резултати од истрагата.