Ruslan Rehimov
01 Март 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ХАРКОВ (АА) - Руското бомбардирање на Харков, вториот по големина град во Украина, продолжи и денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
На снимката од безбедносните камери се гледа дека руските сили утринава извршиле напад гаѓајќи со проектил зграда во која се наоѓа канцеларијата на гувернерот на Харков.
Нападот предизвика огромна експлозија на плоштадот „Слобода“ во централниот дел на градот, при што беа оштетени зградите и автомобилите во близина.
На снимката се гледа како граѓаните се движат со автомобили непосредно пред експлозијата, по што излегуваат од нив и панично бегаат.
Во последните денови во североисточниот украински град Харков се водеа жестоки борби и бомбардирања, во кои загинаа голем број цивили.
Бомбардирањето на градот со 1,6 милиони жители го потврди во синоќешното обраќање и претседателот на Украина Владимир Зеленски.
„Ова е очигледно воено злосторство. Тоа е мирен град, мирни населби и нема воени инсталации. Десетици изјави на очевидци докажуваат дека тоа било намерно уништување“, рече Зеленски.