Amir Latif Arain
24 Март 2025•Ажурирај: 25 Март 2025
КАРАЧИ (АА) - Пожарникарите во Јужна Кореја четврти ден по ред се борат со шумските пожари во југоисточниот регион на земјата, а властите распоредија десетици хеликоптери за да го спречат натамошното ширење, јавува Анадолу.
Смртоносните шумски пожари, кои го зафатија округот Санчеонг, се проширија и во соседниот округ Хадонг, пренесе сеулската новинска агенција Јонхап, цитирајќи владини официјални лица.
Од утринава околу 36 хеликоптери беа распоредени во двата окрузи во провинцијата Јужен Геонгсанг, на околу 250 километри југоисточно од Сеул, за да ги совладаат пожарите, кои досега однесоа четири животи.
Повеќе од 2.300 пожарникари и војници беа испратени на терен за да спречат пожарите да стигнат до куќите и објектите, соопшти Владата.
Во пожарот во Санчеонг, што започна во петокот, повредени се шест лица, а изгореа повеќе од дваесетина згради и два будистички храма.
Огнот потоа се прошири во Хадонг, принудувајќи речиси 600 луѓе од двата окрузи да ги напуштат своите домови.
Официјалните лица соопштија дека пожарникарите успеале да стават под контрола 70 отсто од пожарите во Санчеонг до утринава.