Zeynep Rakipoğlu
16 Декември 2020•Ажурирај: 17 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Адвокатите на турскиот бизнисмен Мехмет Али Озтурк, кој веќе три години се држи во притвор во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), поднеле барање до Агенцијата за човекови права и еднаквост на Турција (ТИХЕК) и Националниот механизам за борба и спречување на малтретирање и тортура, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на адвокатите на семејството Озтурк, Мете Генчер и Ѓулден Сонмез, во барањето се дадени информации за процесот на задржување на Мехмет Али Озтурк заедно со неговата сопруга Емине Озтурк во Дубаи, како и за она што тие го преживеале во овие рамки.
Исто така, дадени се и детални информации за тортурата и суровиот третман што го доживеал турскиот државјанин за време на испрашувањето во Разузнавачкиот центар на ОАЕ, како и за притворањето на синот на бизнисменот, Абдула Озтурк, од страна на ФБИ во Соединетите Американски Држави (САД).
Во соопштението, во кое се наведени барањата, се вели дека се бара поддршка од ТИХЕК поради кршењето на правото на турскиот државјанин, кој според нив е избран за жртва од страна на ОАЕ поради непријателската политика кон Турција.
„Од ТИХЕК и Националниот механизам за борба и спречување на лошо постапување и тортура е побарано да преземат иницијативи за ослободување на Мехмет Али Озтурк и други барања, меѓу кои и посета на делегација во затворот „Ал Ватба“ во Абу Даби“, се вели во соопштението.
Турскиот бизнисмен Мехмет Али Озтурк беше приведен заедно со својата сопруга во ОАЕ во февруари 2018 година додека присуствуваше на Саемот за храна „Гулфуд“.
Неговата сопруга Емине Озтурк за АА изјави дека Мехмет Али Озтурк е осуден на 25 години затвор.
На 11 декември, во Истанбул, Турција, беа поднесени кривични пријави против официјални лица во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за сторени злосторства против турскиот бизнисмен Мехмет Али Озтурк, кој веќе три години се држи во притвор и е изложен на тортури во текот на овој процес, како и кривични пријави за злосторства против неговото семејство.