Ekipa
09 Јули 2017•Ажурирај: 09 Јули 2017
НИНИВА (АА) - Најмалку 23 ирачки војници загинаа во судирите кои во изминатите два дена се водеа на периферијата на Стариот град во Мосул, јавува Anadolu Agency (AA).
Официрот на ирачката војска, Махмуд ал-Сади, изјави дека терористите на ДЕАШ и понатаму контролираат одредени помали места на периферијата на Стариот град во Мосул, и дека во тек се жестоки улични борби во тие места.
„Изгубивме 23 војници во тие судири во изминатите два дена. Меѓу загинатите има и пет офицери”, изјави Саади за АА.
Ирачката државна телевизија јавува дека здружените ирачки сили стигнале до западниот брег на реката Тигар и поставиле ирачки знамиња.
Паралелно со тоа, тројца припадници на терористичката организација се убиени, а еден е уапсен при обид да побегнат од западниот дел на Мосул.
Ирачките сили минатата недела соопштија дека го ослободиле Стариот град во Мосул во кој се наоѓа и Големата џамија Нури, бастион на терористите на ДЕАШ, а судирите и понатаму траат на периферијата на градот.
Терористите на ДЕАШ во јуни 2014 година го окупираа Мосул, а лидерот на групата Ебу Бекр ал-Багдади во неодамна урнатата Голема џамија во центарот на Мосул прогласи основање на таканаречен калифат на ДЕАШ.
По тримесечни операции, здружените ирачки сили со поддршка на меѓународната коалиција во јануари го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19. февруари е покрената акција за ослободување на центарот на градот кој се наоѓа на западниот брег на Тигар.
Некогаш вториот најголем ирачки град Мосул, е најголемото упориште на ДЕАШ и е самопрогласена престолнина на таканаречениот калифат, а ирачките сили најавуваат дека ќе биде симбол на колапсот и падот на тероризмот во таа земја.