Ekip
11 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
ЊУЈОРК (АА) - Неколкумина демонстранти се уапсени додека пропалестински активисти маршираа низ Њујорк протестирајќи поради притворањето на Махмуд Халил од страна на Американската служба за имиграција и царина (ICE), известува Анадолу.
На Халил, поранешен студент на Универзитетот Колумбија, му е одземен зелениот картон.
Претседателот Доналд Трамп вчера го поддржа апсењето на Халил, кого го нарече „странски про-Хамас студент“ и додаде дека „ова е прво од многуте апсења што следуваат“.
Ејми Грир, адвокатката на Халил, изјави дека тој бил „неправедно уапсен“ од агентите на ICE, кои тврделе дека неговата студентска виза е поништена, иако тој е легален постојан жител (носител на зелен картон) и не престојува во САД со студентска виза.
„Ќе ги искористиме сите правни средства за да ги заштитиме правата на Махмуд и ќе продолжиме да се бориме за исправање на оваа страшна и непростлива – и намерна – неправда извршена против него“, се вели во изјавата на Грир.
Таа ја обвини американската Влада дека намерно ги има како цел студентите на Универзитетот Колумбија поради нивните критики на израелската офанзива во Газа.
„Американската Влада јасно стави до знаење дека ќе ја користи имиграциската служба како алатка за задушување на таквиот говор“, додаде Грир.