Mustafa Güngör
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
ИЗМИР (АА) - Во рамки на истрагата против структурите на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во Вооружените сили на Република Туркије (ТСК), издаден е налог за приведување на 47 лица во 16 турски области, а досега се уапсени 31 лице, јавува Агенција Анадолија (АА).
Републичкото обвинителство во Измир издаде налог за апсење на лица поврзани со ФЕТО во рамките на турската војска, а за кои е утврдено дека преку посебни телефони имале контакти со припадници на терористичката организација.
Налог за апсење е издаден за вкупно 31 припадник на Вооружените сили на Туркије, меѓу кои 27 активни војници. Станува збор за 23 припадници на Копнените сили, еден на Морнарицата, петмина припадници на Воздухопловните сили и двајца припадници на жандармеријата. Останатите 16 осомничени се студенти на Воената академија. Во претресите утринава приведени се 31 лице, додека по останатите 16 сè уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чие испорачување Туркије официјално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството во Туркије се обидоа преку монтиран процес за наводна корупција да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следеше крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч изведен од офицери кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува закана само за Туркије, туку и за секоја земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Туркије животот го загубија 251 лице, а 2.734 беа повредени.