Esra Tekin
03 Мај 2024•Ажурирај: 05 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Пропалестинските демонстранти на американскиот универзитет „Џорџ Вашингтон“ синоќа замотаа куфија, традиционална палестинска марама, на споменикот на таткото основач на Америка, јавува Анадолу.
Студентите на споменикот оставија и белешка со цитат од Рефат Аларер, кој беше убиен во израелски воздушен напад во Газа во декември.
„Ако морам да умрам, нека донесе тоа надеж, нека биде тоа приказна“, се вели во пораката.
Студентите демонстранти ја замотаа „палестинката“ на главата и лицето на споменикот на Џорџ Вашингтон, а го поставија и палестинското знаме.
Во последните децении, куфијата стана препознатлив симбол на палестинскиот отпор.
Пропалестинските протести продолжија 8-ми ден во кампусот на овој американски универзитет и покрај големиот број апсења на студенти.
Во екот на демонстрации на универзитетите низ САД во знак на солидарност со Палестина, американската полиција оваа недела уапси стотици студенти додека одговорните на кампусот се обидуваат да ги спречат студентските кампови и протести.
Демонстрациите започнаа на 17 април на Универзитетот Колумбија во знак на протест против израелските напади врз Појасот Газа. Од 7 октомври минатата година, повеќе од 34.500 Палестинци се загинати, а 77.700 се ранети во тие напади.
Протестите се во тек и на други универзитетски кампуси низ САД, меѓу кои и на Јеил и Харвард.