Mustafa Deveci
07 Јуни 2020•Ажурирај: 08 Јуни 2020
ТЕЛ АВИВ (АА) - Во Тел Авив се одржаа демонстрации во знак на протест против планот на израелската Влада за анексија на нелегалните еврејски населби на окупираниот Западен Брег и во Јорданската Долина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поради појавата на коронавирусот, Ковид-19, за демонстрантите беа обезбедени заштитни маски, а се обрнуваше внимание и на одржувањето социјална дистанца.
Некои од демонстрантите, кои носеа палестински знамиња, носеа маска со натпис „премиерот на криминалот“, алудирајќи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Демонстрантите на протестите носеа и транспарент со натписот „Не можеме да дишиме од 1948 година“, алудирајќи на последните зборови на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина како резултат на полициско насилство во САД.
Демонстрантите извикува слогани против анексијата, а носеа и транспаренти на кои пишуваше „Животот на Палестинците значи“ и „Запрете го расизмот“.
- „Планот за анексија на регионите на Западниот Брег треба да се запре“ -
Сенаторот на американската сојузна држава Вермонт од редот на Демократската партија, Берни Сандерс, преку видеопорака го поддржа протестот во Тел Авив.
Во својата порака, Сандерс, реагирајќи на израелскиот план за анексијаж рече: „Планот за нелегална анексија на кој било дел од Западниот Брег треба да се запре, окупацијата мора да заврши. Ние мора да работиме на тоа да обезбедиме сите луѓе во Палестина и Израел да живеат под еднакви услови.“
Поддржувајќи го протестот, израелската државјанка Џуди Бенезрак изјави дека сака да се изнајде решение за израелско-палестинскиот проблем.
Истакнувајќи дека е против планот на нејзината земја Израел за анектирање на палестинските територии, Бенезрак рече: „Никој не треба да живее под окупација. Секој треба да има своја држава. Тие (Палестинците) треба да имаат своја држава како што имаме и ние. Нашата земја не треба да ја окупира нивната територија.“
Планот за анексија е дел од таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, што беше објавен на 28 јануари. Според планот, Ерусалим е неделива престолнина на Израел, а се признава и израелскиот суверенитет над голем дел од Западниот Брег.
Планот предвидува формирање палестинска држава во форма на архипелаг, поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30 - 40 отсто од Западниот Брег, и целиот Источен Ерусалим.
Планот привлече големи критики од арапскиот свет и беше отфрлен од Организацијата за исламска соработка (OIC), која ги повика сите нејизини земји членки да не се вклучат на кој било начин во овој план или да соработуваат со американската администрација во неговото спроведување во која било форма.
Според договорот за коалиција, потпишан од Нетанјаху и лидерот на Сино-белата алијанса, Бени Ганц, израелскиот премиер од 1 јули ќе може да ја даде анексијата на нелегалните еврејски населби во окупираниот Западен Брег и во Јорданската Долина на одобрување во Владата или Собранието.