Yusuf Özcan,Hasan Esen
16 Декември 2018•Ажурирај: 16 Декември 2018
ПАРИЗ (AA) - Според последните информации, во текот на денешните протести на „жолтите елеци" во главниот град на Франција приведени се најмалку 168 лица. На протестите ширум Франција, вклучувајќи го и главниот град Париз, присуствуваа најмалку 33.500 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во центарот на Париз на повеќе локации повторно дојде до судир на демонстрантите на „жолтите елеци" и полицијата, која користеше солзавец за да ја растера масата, која се обидуваше да ги пробие кордоните на безбедносните сили.
Во градот Сент-Етјен во текот на денот често доаѓаше до судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Во градот Арлес демострантите блокираа неколку улици и палеа гуми, додека во Нант запалија автомобил. Во Марсеј се уапсени најмалку 12 лица.
Според податоците на француската полиција ширум земјата на протестите излегоа 33.500 лица.
Демонстрантите фрлаа камења на припадниците на безбедносните сили, кои потоа возвратија со користење на солзавец.
Во судирите едно лице е повредено во пределот на главата и итно е префрлено во болница. Судирите најпрвин се случија во близина на авенијата Шанзелизе денеска наутро.
Движењето „Жолти елеци“, кое носи име по сигурносните флуоросцентни елеци, кои мораат да ги имаат во своите автомобили сите возачи во Франција, одржува протести 5. недела по ред. Протестите започнаа кон средината на ноември поради најавеното зголемување на данокот на гориво.
Ширум земјата распоредени беа 89.000 полицајци, додека во Париз денеска беа распоредени околу 8.000 полицајци и 14 оклопни возила, откако претходните саботи протестите прераснаа во насилство.