Elena Teslova
31 Март 2021•Ажурирај: 01 Април 2021
МОСКВА
Лидерите на Русија, Германија и Франција на видеоконференција дискутираа за борбата против пандемијата на Ковид-19, употребата на руската вакцина „Спутник В“ во ЕУ и за односите меѓу ЕУ и Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Владимир Путин, Ангела Меркел и Емануел Макрон се фокусираа на мерките што ќе го спречат понатамошното ширење на коронавирусот“, се соопштува од Кремљ.
„Беа разгледани изгледите за примањето на руската вакцина „Спутник В“ во Европската Унија, како и можните набавки и заедничкото производство во земјите на ЕУ“, се вели во соопштението.
„Лидерите на трите земји исто така дискутираа и за прашањата поврзани со односите меѓу Русија и ЕУ“, се соопштува од Кремљ, од каде што се додава изјавата на Путин дека неговата земја е подготвена да ги нормализира односите кога ќе биде подготвена ЕУ.
Меркел и Макрон го прашаа Путин за случајот против опозициската фигура Алексеј Навални и добија „соодветни објаснувања за објективните околности на случајот“.
Зборувајќи во врска со кризата во Украина, Путин изрази загриженост во врска со можната ескалација на контактната линија во Донбас.
Тројцата лидери се согласија дека договорот од Минск во Донбас останува единствениот можен начин да се реши украинската криза и дека понатамошната работа во овој правец ќе продолжи на ниво на политички советници.
Осврнувајќи се на Белорусија, Путин ја нагласи недопустивоста за надворешно мешање во внатрешните работи на суверена држава.
Тројцата лидери ја поздравија стабилизацијата во Либија, а исто така разговараа и за ситуацијата во Сирија.