Aliia Raimbekova
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
АСТАНА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во официјална посета на Казахстан и во таа пригода му се заблагодари на раководството на земјата за добро организираниот процес на преговори во Астана за сириската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев го прими својот руски колега Путин со највисоки почести, а по церемонијата беше организиран состанок на делегациите на двете земји.
Домаќинот на средбата, Назарбаев рече дека ова е добра можност да се разговара за голем број билатерални и регионални прашања, со акцент на зајакнувањето на билатералните односи и на економската соработка за решавање на сириската криза.
„Со интензивната соработка имаме воспоставено Евроазиска економска унија, што е важно за целиот регион. Во Казахстан во моментов дејствуваат повеќе од 7.000 компании со руски капитал, а во контекст на Унијата е потпишан 41 договор, во вредност од три милијарди долари“, изјави Назарбаев.
Истакнувајќи дека Русија е активна во решавањето на голем број регионални и глобални прашања, Назарбаев рече дека позицијата на Казахстан за сириското прашање е иста и дека ја смета за важна неодамнешната средба што се одржа во Астана.
И рускиот претседател Путин рече дека на средбата во Астана се постигнати значајни резултати за решавањето на сириската криза.
„Казахстан е важен економски партнер на Русија и ние сакаме дополнително да ги подобриме тие односи и да ја зголемиме трговијата“, рече Путин.
Во понатамошната турнеја во Централна Азија, првиот човек на Русија ќе ги посети Киргистан и Узбекистан.