Ekipa
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека „перверзниот популизам“ и „радикализам“ ги надополнуваат и ги распламтуваат расизмот, омразата кон странците, омразата кон муслиманите, антисемитизмот и другите видови нетолеранција во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Женева денес започна 34. заседание на Советот за човекови права, а во воведното излагање, првиот човек на ОН, Гутереш истакна дека во светот се кршат човековите права и дека меѓународната заедница треба да вложи повеќе напори во решевањето на кризите и војните.
„Непризнавањето на човековите права е болест што се шири во северниот, јужниот, источниот и во западниот дел на светот. Советот за човекови права мора да биде дел од терапијата за лекување на таа болест“, порача Гутереш.
Гутереш укажа на сѐ подлабоката криза во различни делови од светот, како и дека избиваат нови судири и војни, а претходните не завршуваат. Тој предупреди и на тоа дека сите кризни жаришта имаат сѐ посилни врски со радикализмот и со тероризмот, како и со глобалните закани за мирот и стабилноста.
„И правата на бегалците и мигрантите се на удар, а во пораст е криумчарењето на луѓе. Меѓународната заедница не може да ја избегне својата одговорност во ситуација во која сѐ поголем број луѓе бегаат од војната. Мораме да сториме сѐ за повторно да го воспоставиме системот на меѓународна заштита на бегалците“, изјави Гутереш.
Гутереш ја нагласи важноста на правата на жените и децата, и дека е невозможно да се остварат целите за заштита на човековите права ако во процесот не учествуваат и жените и девојките.
„Мораме на глас да кажеме дека и правата на жените се човекови права. Во различни делови на светот, милиони деца се лишени од основните права. Децата се најголеми жртви на војните и кризите. Половина од бегалците во светот се најнезаштитените битија, децата“, изјави Гутереш.
Во текот на наредните четири недели, претставниците на 47 членки на Советот за човекови права ќе ги разгледаат сите актуелни прашања што се однесуваат на таа област, со посебен акцент на кризата на Блискиот Исток.
Насилството, тортурата, верските слободи, борбата против тероризмот, заштитата на правата на детето, борбата против климатските промени се само некои од темите за кои Советот во наредните денови ќе дискутира и ќе се обиде да ги усогласи заедничките насоки кон решавањето на кризите.
До 24. март, до Советот ќе бидат поднесени повеќе од 100 извештаи од 45 земји, меѓу кои и од Сирија, Мјанмар, Иран, Еритреја и од други земји. Најавен е и посебен панел за насилството и тортурата на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад врз цивилите.
Советот за човекови права е меѓувладино тело во рамките на ОН, одговорно за промовирање и заштита на човековите права во светот, решавање на ситуацијата на кршење на човековите права и давање препораки. Советот има мандат да дискутира за сите тематски и географски прашања на човековите права што за кои треба да обрне внимание меѓународната заедница. Советот за човекови права вбројува 47 држави-членки на ОН, кои ги избира Генералното собрание на ОН во период од три години.