Dmitri Chirciu
16 Октомври 2020•Ажурирај: 17 Октомври 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин предложи безусловно продолжување на Договорот за намалување на стратешкото вооружување (New START) со Соединетите Американски Држави (САД) за една година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со членовите на рускиот Совет за безбедност, Путин се осврна на договорот „Њу СТАРТ“, потпишан меѓу САД и Русија во 2010 година во Прага, Чешка.
Истакнувајќи дека досега договорот „Њу СТАРТ“ се спроведува правилно и дека ја спречува конкуренцијата во вооружувањето, Путин рече: „Ако овој договор се прекине и ако не биде заменет со сличен, ќе биде многу загрижувачки.“
Путин посочи дека Русија произведува тип на оружје што САД сѐ уште го немаат, при што нагласи: „Ние не одбиваме да разговараме за ова прашање.“
Наведувајќи дека договорот „Њу СТАРТ-3“ треба да биде продолжен, рускиот претседател Путин додаде: „Предлагам да се продолжи овој договор за најмалку една година без никакви услови.“
Во овој контекст Путин му даде инструкции на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да ги продолжи преговорите со американските партнери.
- „Ние предлозите ги испративме до американската страна“ -
Министерот Лавров истакна дека во однос на ова прашање контактите со колегите од американската страна продолжуваат: „Подготвени сме да работиме на нови договори. Ние ги доставивме нашите предлози до американската страна за прашањето за стратешката стабилност.“
Посочувајќи дека договорот „Њу СТАРТ-3“ ќе заврши на 4 февруари 2021 година, Лавров истакна дека од тој аспект ситуацијата станува критична.
„Работите за безусловно продолжување на договорот сѐ уште не се започнати“, додаде Лавров.