свет

Путин: „Русија погоди фабрика во Украина во Днепар користејќи ја нова балистичка ракета Орешник“

- Путин рече дека Русија развива такви ракети како одговор на американските планови за производство и распоредување на ракети со среден и краток дострел во Европа и азиско-пацифичкиот регион.

Burç Eruygur  | 22.11.2024 - Обновена : 22.11.2024
Путин: „Русија погоди фабрика во Украина во Днепар користејќи ја нова балистичка ракета Орешник“

ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека неговата земја погодила фабрика во украинскиот град Днепар користејќи нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, пренесува Анадолу.

Првично, украинските воздухопловни сили соопштија дека Москва лансирала интерконтинентална балистичка ракета за време на нападот врз градот Днепар, што го потврди и претседателот Владимир Зеленски во подоцнежното видео обраќање. Сепак, тој рече дека во тек се стручни проценки за да се потврди точниот модел на употребената ракета.

„Еден од најголемите и најпознатите индустриски комплекси од Советскиот Сојуз, кој денес произведува ракетна технологија и друго оружје, беше погоден во градот Днепар, Украина“, рече Путин во видео-обраќање во живо.

Руските тв-канали објавија дека цел на нападот била фабриката Пивденмаш, со седиште во Днепар.

Наведувајќи дека нападот бил извршен како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против Русија, Путин рече дека со нападот бил тестиран новиот руски ракетен систем со среден дострел наречен ‘Орешник’, кој во овој случај користел балистичка ракета со ненуклеарна хиперсонична опрема.

Путин рече дека Русија развива такви ракети како одговор на американските планови за производство и распоредување на ракети со среден и краток дострел во Европа и азиско-пацифичкиот регион.

Рускиот претседател во продолжение рече дека конфликтот во Украина добил елементи од глобален карактер откако западните проектили биле употребени за да ја нападнат неговата земја во изминатите два дена.

Тој додаде дека употребата на западните ракети со долг дострел од страна на Украина нема да влијаат на текот на руските воени акции во Украина.

Путин рече дека натамошното распоредување на ракети со среден и помал дострел ќе биде одлучено во зависност од дејствијата на САД и нивните сојузници и дека Москва однапред ќе ги предупредува цивилите кога ќе користи системи како што е Орешник.

„Русија има право да користи оружје против воените објекти на земјите кои своето оружје го користат против Москва“, рече Путин, додавајќи дека рускиот одговор на ескалацијата во Украина ќе биде одлучен и реален.

„Им препорачувам сериозно да размислат за тоа на владејачките елити на оние земји кои планираат да ги користат своите воени контингенти против Русија “, додаде тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.