Ekipa
22 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја и понатаму останува „глува” на глобалните повици за напуштање на развојот на нуклеарно оружје преку пробно истрелување на две балистички ракети денес, истакнува јужнокорејскиот Генералштаб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот ги опиша ракетите како „Мусудан” ракети, алудирајќи со тоа на модел на севернокорејки подвижен комплекс на ракети со среден дострел чие тестирање е започнато оваа пролет.
Изложени на парадата во Пјонгјанг во 2010 година, Мусудан сè уште треба да ja докaже својата ефикасност по серијата неуспешни тестирања од месец април, a со дострел до 4.000 километри, хипотетички може да претставува закана за американските сили дури во Гуам.
Северна Кореја одамна вели дека може да го нападне непријателот на оддалеченост дури и до континенталниот дел на САД.
Додека тврдењата се под знак прашалник, ракетните можности на Пјонгјанг може понатаму да бидат зајакнати во комбинација со програмата за подморници која што е во развој како и со минијатуризација на технологијата за боеви глави.
Денешните тестирања започнале кратко пред 6:00 часот (21:00 GMT), првата ракета експлодирала на околу 150 километри во лет а втората по 8:00 часот, по поминат пат од 400 километри.
Јужнокорејскиот Генералштаб истакна дека спроведува детална анализа заедно со својот сојузник САД.
„Опсесијата на Северна Кореја со Мусудан ракетите потекнува од нејзините пориви да покаже ракетна програма која ќе може да ги загрози САД”, изјави воено официјално лице цитирано од страна на локалната новинска агенција Јонхап.
Министерот за одбрана во Сеул ја осуди акцијата на Северна Кореја окарактеризирајќи ја како „јасно прекршување на резолуцијата на ОН којашто забранува било какви активности кои ја вклучуваат техонологијата на балистички ракети”.
Јужна Кореја веќе предупреди дека ќе работи заедно со меѓународната заедница за понатамошен притисок врз Пјонгјанг, на којшто во март му беа воведени санкции поради четврата нуклеарна проба изведена во јануари и последователните лансирања на ракети со долг дострел.
Северна Кореја инсистира на дијалог со својот јужен сосед од минатиот месец, но Сеул одбива да прифати разговори без Пјонгјанг да се посвети на сопствената денуклеаризациија.