Emre Gürkan Abay
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
МОСКВА (АА) – Претседателот на Русија, Владимир Путин, на средбата што ја одржа со владините претставници, даде оценка за економијата во земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи дека Русија продолжува да работи под тешки надворешни услови, Путин рече: „Зборувам за глобалните предизвици и притисокот од санкциите на западните земји. Овие санкции предизвикуваат голема глобална криза. Творците на овие санкции, со нивната тесна перспектива, политички амбиции и русофобија, им нанесуваат штета на сопствените национални интереси и на економиите.“
Нагласи дека инфлацијата во Европа нагло порасна: „Во некои земји достигна 20 отсто на годишно ниво. Континуираната опседнатост со санкции ќе предизвика тешки последици, освен за Европската Унија и нејзините граѓани, и за сиромашните земји кои веќе се соочуваат на ризик од глад.“
– Се намалуваат заштедите на населението
Обрнувајќи го вниманието кон западните земји како главни виновници за настанатата ситуација, Путин рече: „Нагласувам дека виновници за ваквата ситуација во целост е елитата на западните земји, која е подготвена да го жртвува остатокот од светот за да ја задржи својата глобална доминација.“
Претседателот на Русија информираше дека оваа година очекуваат добра жетва во земјоделскиот сектор и додаде: „Можно е да се постигне жетва од над 130 милиони тони житарици, од кои 87 милиони тони пченица. Ова ќе биде највисоката бројка во историјата на Русија. Тоа ќе ни овозможи и да ја задоволиме домашната побарувачка и да ја зголемиме понудата до нашите глобални партнери.“
Посочувајќи дека домашната побарувачка во руската економија заостанува зад минатогодишната, Путин рече: „Освен тоа, средствата на сметките на фирмите и граѓаните се намалуваат. Сосема е јасно дека тоа ќе има негативно влијание врз текот на економијата и потребно е овој вид ризици да се намалат.“