1 23,Mehmet Akıl
13 Октомври 2022•Ажурирај: 14 Октомври 2022
БАГДАД (АА) - Девет ракети ја погодија Зелената зона во Багдад, додека ирачкиот Парламент одржува гласање за избор на нов претседател на земјата, соопштија властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според ирачката безбедносна медиумска мрежа, неколку безбедносни лица и цивили се повредени во нападите на Зелената зона, каде што се наоѓаат владини згради и странски мисии.
„Зелената зона и нејзината околина во Багдад беа бомбардирани со девет ракети „Катјуша““, се вели во соопштението објавено од официјалната ирачка новинска агенција.
Во соопштението не е наведен бројот на повредени или степенот на нивните повреди.
Ракетните напади се случија кога Парламентот требаше да ја започне седницата за избор на нов претседател.
Гласањето, кое ги зголемува надежите за ставање крај на неколкумесечниот политички ќор-сокак, е во тек.
Ирачките партии не успеаја да се договорат за нов претседател и премиер по општите избори во 2021 година, на кои шиитскиот свештеник Муктада ал Садр излезе како најголем победник.