Esat Fırat
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
ЕРУСАЛИМ (АА ) – Радикални Евреи во окупираниот Источен Ерусалим (Кудс) оштетија повеќе автомобили што им припаѓаат на Палестинци, а на ѕидовите на некои куќи напишаа расистички слогани, јавува Anadolu Agency (AA).
Лицата кои ги оштетија возилата на Палестинците што живеат во околината на еврејската населба Писгат Зеев, во областа Бејт Ханина, Источен Ерусалим, на ѕидовите на некои куќи напишаа расистички слогани.
Очевидците велат дека групата која ги оштетува возилата на Палестинците се вика „Наплата за стореното“, и во неа членуваат радикални Евреи.
Во соопштението на израелската полиција се вели дека е отворена истрага за пронаоѓање на лицата одговорни за оштетените автомобили и за расистичките слогани на ѕидовите на куќите во околината на Писгат Зеев.
Радикалната организација на Евреите „Наплата за стореното“ која е позната по нападите врз имотот на Палестинците во Западниот Брег и во Источен Ерусалим, врши слични напади и во палестинските села и градови во Израел.
Во 2015 година, во областа Дума, во близина на градот Наблус, во Западниот Брег, ја запалија куќата на семејството Девабише, и тогаш животот го загубија 18-месечниот Али Девабише и неговиот татко Саад Девабише. Тој напад е регистриран како еден од најзначајните терористички напади на организацијата „Наплата за стореното“.