Mustafa Deveci
29 Јули 2018•Ажурирај: 30 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Двајца Палестинци го загубија животот во воздушниот напад на Израел во Појасот Газа, која е под блокада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство во Газа, група Палестинци која се собрала во близина на гробишта, во северниот дел на Газа, била мета на воздушниот напад на израелската војска.
Се вели дека во нападот животот го загубиле двајца Палестинци на 24-годишна возраст, Ејмен Нафиз Рабија ел Неџар и Мухамед Меџид Џемал.
- Израел: Немаме поврзаност со нападот во кој загинаа двајца Палестинци -
Израелската страна ја негираше изјавата на палестинското Министерство за здравство во Газа дека денес двајца Палестинци го загубиле животот како резултат на воздушен напад на Израел.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адрае, во објава на Твитер напиша дека немаат врска со нападот во кој загинаа двајца Палестинци во северниот дел на Газа, и тврди дека Хамас лаже.
Адрае тврди дека Хамас наместо да ја каже вистината го обвинува Израел, и дека Министерството за здравство во Газа ја изгубило доверливоста. „Го повикувам Министерството за здравство во Газа да ја открие вистинската причина за експлозијата“, нагласи тој.
- Израел за четири месеци уби над 150 Палестинци -
Во нападот на израелските војници за време на мировните демонстрации што се случија во петокот на границата на Газа загинаа двајца Палестинци, меѓу кои и едно дете.
Над 150 демонстранти загинаа во нападите на израелските војници на границата на Газа во рамките на демонстрациите наречени „Марш на големото враќање“ кои започнаа на 30 март, додека околу 17.000 се повредени.