Mohamad Misto,Levent Tok
27 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Режимот на Башар ал Асад продолжува со нападите и покрај одлуката на Советот за безбедност на ОН и прогласувањето 5-часовно примирје од страна на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од екипите на Цивилната заштита на Источна Гута, режимот на Асад продолжува со нападите и покрај одлуката на СБОН и примирјето што го прогласи Русија од 9:00 до 14:00 часот по локално време. Силите на режимот во 9:30 часот започнаа со топовски гранатирања на населените места во Источна Гута.
Нападнати се подрачјата на Дума, Бејт Сава и Мерџ. Во нападите загина еден цивил, а има голем број ранети. Постои загриженост од зголемување на бројот на загинати.
Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Сојгу, вчера соопшти дека претседателот на Русија, Владимир Путин, дал наредба за прогласување на „човечка пауза“ во период од 9:00 до 14:00 по локално време во Источна Гута.
Јури Јевтушенко, претседател на руско-сирискиот центар за помирување со опозицијата, во соопштението што го даде синоќа, истакна дека режимот на Асад ќе ја почитува донесената одлука. СБОН објави дека на 24 февруари е донесена одлука за воведување прекин на огнот во времетраење од најмалку 1 месец, со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош во Сирија, а особено да се создадат услови за евакуација на тешко болните и ранетите во Источна Гута.
Во одлуката се бара сите страни, „без одлагање“, на целата територија на Сирија да ги запрат сите судири најмалку 30 дена, за да се овозможи „безбеден, непречен и одржлив“ начин на испорака на хуманитарна помош и евакуација на „тешко болните и ранетите“.