Ekipa
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад извршија нови воздушни и артилериски напади на населбите и фронтовите на бунтовниците во подрачјето на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили и проиранските милитантни групи извршија напади на периферијата на Идлиб и Хама, кои заедно ја сочинуваат зоната без судири во североисточниот дел на Сирија.
Шефот на цивилната заштита „Бели шлемови“, Мустафа Хаџ Јусуф, за АА изјави дека силите на режимот на Асад и понатаму извршуваат жестоки напади во Идлиб.
„Во ракетниот напад на режимските сили во селото Хабит се убиени тројца, а ранети уште тројца цивили. Меѓу убиените се наоѓаат две деца“, изјави Хаџ Јусуф.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозицијата во Сирија. Со посредство на Турција и Русија, во септември минатата година, во Сочи, беше постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување безбедносна зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од тој регион, а силите лојални на режимот на Асад извршија низа артилериски и воздушни напади во тој регион.
Мрежата за човекови права во Сирија (SNHR) во последниот извештај наведе дека во режимските напади од почетокот на годината во Идлиб биле убиени најмалку 68, а ранети 260 цивили.