Zehra Ulucak
03 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Минатата година во Јапонија е забележан најголем пад во бројноста на населението на оваа земја во последните 117 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави агенцијата Кјодо, во истражувањето спроведено од страна на Владата на Јапонија, се вели дека во 2016 година се родени најмал број бебиња. Истовремено, во 2016 е забележан и најголем број на смртни случаи во земјата.
Според истражувањето, во 2016 година се родени 976.979 бебиња, што е за 28.698 помалку новороденчиња во однос на претходната година. Во 2016 година се родени најмал број на бебиња, земајќи го предвид периодот од 1899 година, кога за првпат започнал пописот во Јапонија.
За првпат, бројот на новороденчињата е под 1 милион, додека бројот на починатите изнесува 1.307.765 лица и претставува најголема вредност, споредена со периодот по војната.
Според податоците на јапонското Министерство за здравство, намалувањето на бројноста на населението во земјата за 330.786 лица претставува најголем пад на бројноста на населението во оваа земја.
Стапката на наталитетот во Јапонија во 2016 е намалена за 0,01 отсто, и изнесува 1,44 отсто.
Овие бројки покажуваат дека јапонската Влада ќе има големи тешкотии за да успее стапката на наталитет во земјата до фискалната 2025 година да ја издигне на ниво на 1,8 отсто.
Јапонија во 2016 година имала население од околу 126,7 милиони лица. Јапонската Влада има за цел бројноста на населението до 2060 година да ја одржи до ниво од околу 100 милиони.
Стапката на наталитет во Јапонија, од 1970 година досега забележува постојан пад. Пресметано е дека за одржување на бројноста на населението во Јапонија, потребно е стапката на наталитет на годишно ниво да изнесува 2,07 отсто.