Hakan Çopur
11 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ВАШИНГТОН (АА) - По Турција и Кувајт, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе ги посети Катар и Саудиска Арабија, а главна тема на разговорите со лидерите на тие земји ќе биде актуелната криза во односите меѓу земјите од Заливот и Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Хедер Науерт, соопшти дека Тилерсон денес нема да се врати од Кувајт во САД, како што претходно беше планирано, туку ќе ги продолжи дипломатските активности во насока на надминување на кризата во Заливот.
Тилерсон денес ќе го посети Катар, а утре ќе отпатува за Саудиска Арабија, на разговори во врска со кризата во Заливот со нејзините главни актери.
Во неделата Тилерсон ја посети Турција, а потоа отпатува во Кувајт, каде што со највисоките претставници на овие земји разговараше за ситуацијата во регионот.
Кризата во Заливот ескалираше на 5 јуни, кога владите на Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Јемен ги прекинаа дипломатските односи и ги блокираа границите на Катар.
Катар се товари за поддршка на тероризмот, што официјална Доха го негира и овие обвинувања ги оценува како неосновани.