Bilal Güler
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
ПАНШИР
Репортерската екипа на Агенција Анадолија влезе да направи фотографии во авганистанската провинција Паншир, во која талибанското движење утринава ја презеде контролата од локалните бунтовнички сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Талибанците вчера наутро соопштија дека ја презеле контролата во Паншир, кој стана последна од 34-те авганистански провинции што се под талибанска контрола.
Новинарите на АА успеаја да влезат во главниот град на Паншир, Базарак, и да ги фотографираат објектите во самиот центар на градот во близина на седиштето на провинциската администрација.
Паншир се наоѓа на околу три часа возење од Кабул и има значително зголемување на бројот на контролни пунктови што ги држат талибанците на патот.
Затворени се продавниците во областите Шотул и Анаба, а на улиците може да се видат само неколку цивили.
Светските медиуми известуваа за судирите во Паншир во последните денови, а новинарите на АА беа првите што влегоа и снимија десетици талибански борци распоредени со оклопни возила.
Зградата на провинциската администрација е под контрола на талибанците, а од ридовите низ градот сè уште се слушаат истрели. Талибанците тврдат дека борците на Националните сили за отпор целосно се повлекле од Паншир.
Талибанците тврдат дека војната во Авганистан завршила откако ја презеле контролата врз Паншир.
Отпорот на талибанците во Паншир го пружаа Националните сили за отпор предводени од Ахмед Месуд, син на поранешниот авганистански министер за одбрана Ахмед Шах Месуд. За време на еднонеделниот конфликт, двете страни претрпеа големи загуби.