Dejan Maksimoviç
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
КАРДИФ (AA) - Кристијано Роналдо, еден од најдобрите фудбалери на денешницата, изрази желба Џејмс Родригез да остане во Реал Мадрид, но исто така кажа и дека ќе го разбере Колумбиецот доколку одлучи по финалето на Лигата на шампионите да го напушти Сантјаго Бернабеу, јавува Anadolu Agency (AA).
Родригез во неколку наврати изрази желба да игра повеќе, но кај тренерот Зинедин Зидан тоа тешко може да го очекува. Кај францускиот тренер, Колумбиецот оваа сезона започна 13 натпревари во првенството, од 22 во кои настапуваше.
Затоа, сѐ почесто се зборува за тоа дека Родригез летово ќе премине во Манчестер Јунајтед, а во трката се вклучи и Интер. Но, Роналдо сака тој да остане во Мадрид.
„Џејмс има свои причини и мораме да ги почитуваме. Ако не е среќен, ако бара повеќе, тогаш мора да побара нешто подобро за себе. Ако ме праша за мислење, ќе му кажам да остане. Очигледно е дека тој има одредени поплаки и најдобро би било да игра повеќе, но ова се многу лични работи. Тој дефинитивно има потенцијал да игра за Реал Мадрид, но има и свои причини, кои мораме да ги почитуваме“, изјави Роналдо во пресрет на утрешното финале во Лигата на шампионите, кое ќе се игра во Кардиф.
Ривал на „кралскиот клуб“ ќе биде Јувентус, а натпреварот ќе започне во 20.45 часот.
Во 2014 година, Родригез од Монако стигна во Реал, а оттогаш има одиграно 110 натпревари и постигна 36 гола. Во дресот на Колумбија, 25-годишниот фудбалер настапи 54 пати и оствари 19 погодоци.