Associated Press
27 Мај 2018•Ажурирај: 28 Мај 2018
КИЕВ (АА) - Во екот на прославата на освојувањето на новата титула првак на Европа во најголемото фудбалско клубско натпреварување во Европа, навивачите на Реал Мадрид се затечени со изјавите на двајцата најдобри играчи на клубот, Кристијано Роналдо и Герет Бејл, кои најавија можно заминување од „Сантијаго Бернабеу“, јавува Anadolu Agency (AA).
Роналдо, кој шест години по ред е најдобриот стрелец во Лигата на шампиони, само неколку часа по освојувањето на пехарот и титулата шампион на Европа, за Реал Мадрид зборуваше во минато време и потврди дека не е сигурен дали ќе остане во клубот.
„Во престојните неколку дена на навивачите ќе им одговорам на тоа прашање, бидејќи тие беа покрај мене цело ова време. Беше прекрасно во Мадрид“, изјави Роналдо.
Тој додаде дека не е битна иднината на било кој играч, штом е остварена историјата.
Велшанецот Герет Бејл синоќа беше играч на одлука со своите два погодоци кои на Олимпискиот стадион во Киев на Реал Мадрид му ја донесоа третата едноподруго титула првак во Лигата на шампиони. Бејл уште претходно најави дека ќе рамисли дали ќе остане или ќе замине од клубот, бидејќи е незадоволен од својот статус во клубот.
За разлика од нив, тренерот на Реал Мадрид Зинедин Зидан уверен е во нивното останување во клубот.
„Роналдо ќе остане во Реал. Веројатно за три до четири дена ќе се појави со друга изјава“, рече Зидан и додаде дека го разбира незадоволството на Бејл поради честото седење на клупа за резерви, но додаде дека тоа е одлука која ја донесува тренерот.