Muhammet Kurşun
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека добро знаат која организација го извршила вчерашниот напад во Ахваз и со кого е поврзана, јавува Anadolu Agency (AA).
Рохани, пред поаѓањето во Њујорк за да присуствува на 73. Заседание на Генералното собрание на ОН, на аеродромот „Мехрабад“ во Техеран одржа прес-конференција.
Иранскиот претседател изјави дека состанокот на ОН е можност за изнесување ставови на земјите и дека Иран ќе има можност да ги изнесе своите ставови кога станува збор за регионалните и глобалните прашања.
Тој најави средби со претседателите на европските и азиските земји, како и разговори за Сирија, Ирак и Јемен со претставниците на пријателските земји.
Додаде дека ќе вложи напори цената од санкциите кои САД ги воведоа на Иран, да биде што помала.
Рохани изјави дека министерот за надворешни работи, Мухамед Џавад Зариф, со министрите за надворешни работи на земјите од групата 4+1 ќе разговара за Договорот за нуклеарната програма.
Се осврна и на терористичкиот напад извршен во саботата во Ахваз.
„Иран со сигурност нема да замижи на овој напад“, порача Рохани, истакнувајќи дека добро знаат кој стои зад него и со кого се поврзани.
Тој додаде дека овие организации за време на Иранско-ирачката војна имале поддршка од соборениот ирачки лидер Садам Хусеин.
„Оние кои го извршија овој масакр на патот се окупатори“, смета Рохани.
Понатаму истакна дека споменатите организации за време на Иранско-ирачката војна биле во Ирак.
„Додека Садам беше жив, работеа за него. Но откако Садам почина, почнаа да работат за друга држава. Една земја од Заливот ги штити и им пружа материјална, воена и политичка поддршка“, изјави Рохани.
Во нападот кој во саботата беше извршен за време на воена парада во Ахваз, во југозападниот дел на Иран, организирана по повод одбележувањето на 38-годишнината од Иранско-ирачката војна, загинаа 25 лица, меѓу кои 17 припадници на безбедносните сили, а 60-мина беа ранети.