Elena Teslova
03 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
МОСКВА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) не треба да го трансформираат повлекувањето на своите трупи од Авганистан во преместување на своите воени објекти во Централна Азија, порача претставникот на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Веќе испративме таков сигнал до Вашингтон на различни нивоа, се надеваме дека ќе биде слушнат“, изјави Кабулов за руската новинска агенција РИА.
Кабулов ја нарече ќор-сокак моменталната конфронтација меѓу талибанците и авганистанските власти и ги повика сите страни да воспостават коалициска влада.
Тој вети меѓународна поддршка за формирање привремена влада, истакнувајќи дека „конечната одлука за конфигурацијата и параметрите на идната структура на моќ треба да ја донесат самите Авганистанци“.
Рускиот претставник очекува дека соодветната пригода за започнување на преговарачкиот процес ќе дојде со есента.
Тој не исклучува состанок за поттурнување на мировните преговори.
„Продолжуваме да работиме заедно во формат на проширена „тројка“ со учество на Русија, САД, Кина и Пакистан“, изјави тој. „Не исклучуваме средба во блиска иднина. Покрај тоа, ја имаме предвид можноста за организирање уште еден состанок според московскиот формат, кој, како што знаете, ги обединува сите земји од регионот околу Авганистан, како и САД“, додаде Кабулов.
Тој истакна дека во однос на разговорите за авганистанските прашања во структурите на ОН и во Советот за безбедност, тоа ќе биде во подоцнежна фаза.