Oumar Sankare
02 Октомври 2024•Ажурирај: 05 Октомври 2024
БАМАКО (АА) - Русија ќе започне со геолошки истражувања за наоѓалишта на литиум, нафта и гас во Мали следниот месец, изјави денес висок официјален претставник во Бамако, јавува Анадолу.
Официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен, за Анадолу изјави дека, според министерот за економија и финансии на Мали, Алусеини Сану, првата група руски експерти ќе пристигне следниот месец за да започне со работа, со веќе утврден редослед за следните фази од процесот.
Објавата доаѓа во период кога Сану и министерот за енергетика Бинту Камара се наоѓаат во Москва во еднонеделна официјална посета за разговори за можностите за инвестирање.
Официјалниот претставник рече дека соработката со Русија ќе ѝ овозможи на западноафриканската земја „да ги добие потребните ресурси за да обезбеди финансирање на други економски сектори“.
Мали, Буркина Фасо и Нигер се членки на Алијансата на државите од Сахел, формирана во септември минатата година.
Трите држави се повлекоа од Економската заедница на западноафрикански држави, или ЕКОВАС, која се закани дека воено ќе интервенира во Нигер по државниот удар во земјата минатата година.
Оттогаш трите држави работат заедно во борбата против тероризмот и на интегрирањето во области како што се единствен пасош, комуникации и дипломатија.