Diyar Güldoğan
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Русија се надева дека новиот амбасадор на САД во Москва ќе помогне во обновувањето на билатералните односи меѓу двете земји, изјави денес портпаролот на Кремљ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Се надеваме дека барем американската дипломатска мисија во Москва, предводена од новиот амбасадор, ќе може да даде значителен придонес за обновување на нашите односи од штетата предизвикана од потезите на Вашингтон“, изјави Дмитри Песков за новинарите, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Песков изјави дека рускиот претседател верува оти градењето на билатералните односи не е само во интерес на народот на двете земји, туку и на целиот свет.
„Во исто време, Путин постојано нагласуваше дека, за жал, реализирањето на ваквите намери било невозможно да се оствари еднострано, без партнер“, се вели во изјавата на Песков.
Новиот амбасадор Џон д Хантсман (57) денес ги предаде акредитивните писма до Путин.
Врските меѓу Москва и Вашингтон се затегнаа по протерувањето на 35 руски дипломати од САД и затворањето на две руски дипломатски претставништва кон крајот на декември 2016 година, од страна на тогашниот претседател Барак Обама, заради наводната улога на Москва во хакирањето на изборите во корист на кампањата на Доналд Трамп.
Седум месеци подоцна, на 30 јули, Путин изјави дека 755 дипломати на САД ќе ги напуштат своите позиции во земјата.
Забелешките на Путин дојдоа три дена откако американскиот Сенат одобри нови санкции против Русија, Иран и Северна Кореја. Мерките беа усвоени со гласање од 98-2, и тие донесоа санкции против руските власти во знак на одмазда за нивното наводно мешање во претседателските избори во 2016 година.
Русија, исто така, ја прекина употребата на летната резиденција на САД во Москва.
Последно, (вчера) руското Министерство за надворешни работи соопшти дека американските власти ги „заплениле останатите простории на рускиот генерален конзулат во Сан Франциско – станбениот дел од административната зграда, каде што канцелариите биле окупирани веќе еден месец од американските специјални служби, како и специјалната резиденција на генералниот конзул“.
Нарекувајќи го инцидентот „флагрантно кршење на меѓународното право“, во соопштението се вели дека „од минатиот декември, Американците со примена на сила запленија пет руски дипломатски згради кои се наш имот. Овој пат, влезот повторно беше обиен и внатре беше спроведен опсежен претрес.
„Остро протестираме против овој најнов непријателски чин на САД и го задржуваме правото да одговориме. Реципроцитетот отсекогаш бил основен принцип во дипломатијата. Како што гледаме, со упадот во нашите канцеларии во странство, Американците во суштина се согласија со можноста за сличен третман на нивните претставништва во Русија“, додаде тој.