Emre Gürkan Abay
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
МОСКВА
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека со ракета погодиле неактивен сателит во орбитата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за одбрана на Русија наведено е дека на 15 ноември рускиот сателит во вселената успешно бил погоден со ракета.
„Вселенското летало по име „Целина-Д“, кое е во орбитата од 1982 година и веќе не е во функција, успешно е погодено“, се наведува.
Русија реагирала и на обвинувањата на Соединетите Американски Држави (САД) на сметка на Москва поради овие активности.
„Изјавите на САД дека Русија со овој тест претставува опасност за Меѓународната вселенска база (ИСС) ги сметаме за лицемерие“, се наведува во соопштението и се додава:
„САД активно ја тестираат и ја развиваат најмодерната опрема во орбитата, вклучително и дронови, а никого не известуваат за тоа. Слични експерименти во вселената порано реализираа САД, Кина и Индија.“
Гласноговорникот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во вчерашното соопштение наведе дека руското уривање на вселенското летало претставува опасност за активноста на ИСС и ја осуди власта во Москва.
Меѓународната вселенска станица (ИСС) е заеднички проект на вселенските агенции на САД, Русија, Јапонија, Канада, Бразил и Европската Унија (ЕУ).