Dmitri Chirciu
12 Август 2022•Ажурирај: 14 Август 2022
МОСКВА (АА) - Русија ја обвини Латвија за русофобија, откако пратениците на оваа балтичка земја ја прогласија Русија за „земја спонзор на тероризмот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ја сметаме одлуката на Парламентот на Латвија и повикот да се запре издавањето визи за ЕУ за Русите уште една манифестација на русофобија“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Министерството истакнува дека одлуката е во спротивност со меѓународното право и го нарушува принципот на суверена еднаквост на државите содржан во член 2 од Повелбата на Обединетите нации (ОН).
Обвинувајќи ја Латвија дека им „служи на прекуморските владетели“, Министерството наведе дека латвиските пратеници „треба да престанат да се впуштаат во провокации и да не заборават за што се избрани, фокусирајќи се првенствено на интересите на својата земја и своите граѓани“.
Со резолуцијата усвоена вчера од Саелма, Еднодомниот парламент на Латвија, Русија се прогласува за „земја која го поддржува тероризмот“ и се повикуваат земјите истомисленички да го искажат истиот став.
Се осудува „специјалната воена операција“ на Русија во Украина која започна во февруари, и исто така, се повикува ЕУ да ги прекине туристичките визи и да го ограничи издавањето визи за граѓаните на Русија и Белорусија.
Латвија ја дели границата и со Русија и со Белорусија.