Murat Temizer
20 Мај 2022•Ажурирај: 21 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Финската енергетска компанија „Гасум“ соопшти дека „Гаспром експорт“ ги информирал продавачите дека испораката на природен гас кон Финска ќе биде прекината в сабота, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Финската компанија соопшти дека почнувајќи од сабота, „Гасум“ своите корисници ќе ги снабдува со природен гас од други извори преку гасоводот „Балтикконектор“ за време на претстојната летна сезона.
Од „Гасум“, исто така рекоа дека неговите бензиски пумпи и гасна мрежа ќе продолжат да работат како и обично.
„Многу е жално што испораките на природен гас според нашиот договор за снабдување сега ќе бидат стопирани. Сепак, ние внимателно се подготвувавме за оваа ситуација и под услов да нема прекини во снабдувањето, ќе можеме да ги снабдиме сите наши корисници со гас во наредните денови“, рече извршниот директор на „Гасум“, Мика Вилјанен.
На крајот на април, рускиот „Гаспром“ го запре протокот на гас за Полска и Бугарија, велејќи дека ќе го прекине снабдувањето додека земјите не започнат со плаќање во рубли.
Загриженоста за енергетското снабдување се зголеми во Европа откако започна војната помеѓу Русија и Украина на 24 февруари. Според експертите, Москва ја користи енергијата како политичка алатка за манипулирање на земјите увозници за да ги намали нивните нивоа на спротивставување против руската војска.