Emre Gürkan Abay
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги критикуваше американските санкции воведени против Турција поради набавката на рускиот систем С-400, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Американските санкции кон Турција се уште една манифестација на арогантниот однос кон меѓународното право“, рече Лавров.
Истакна дека САД ги користат санкциите на, како што рече, многу груб и вулгарен начин.
„Се разбира, овој пристап, вклучително и воено-техничката соработка, не служи за кредибилитетот на Соединетите Американски Држави (САД) како одговорен учесник на меѓународната сцена“, рече Лавров.
Министерството за финансии на САД денес воведе санкции кон Турција за купувањето на рускиот ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400.
Санкциите, кои се дел од Законот за сузбивање на американските противници со санкции (CAATSA), се насочени кон Одбранбените индустрии на Турција (SSB), нивниот челник Исмаил Демир и уште тројца официјални лица.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение истакна дека Одбранбените индустрии на Турција (SSB) свесно учествувале во значајна трансакција со „Рособоронекспорт“, главната руска агенција за извоз на оружје, за набавка на ракетниот систем С-400.
„Санкциите вклучуваат забрана на сите американски дозволи за извоз и овластувања за ССБ и замрзнување на имотот и ограничувања по прашање на визите за д-р Исмаил Демир, претседателот на ССБ и други службеници на ССБ“, додава Помпео.
Претседателот Доналд Трамп во јуни 2019 година изјави дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама неправедно се однесувала кон Турција кога Анкара побарала да купи американски одбранбени системи.
„Администрацијата на Обама ѝ кажа на Турција не, не, не, кога сакаа да го купат „Патриот“, а потоа Турција го купи С-400“, рече Трамп во текот на обраќањето на Самитот на Г20 во Осака, Јапонија.