Davit Kachkachishvili
15 Октомври 2022•Ажурирај: 16 Октомври 2022
КИЕВ (АА) - Руските сили извршија ракетни и напади со дронови врз украинските региони Киев, Запорожје и Харков, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Олексиј Кулеба, гувернерот на Киевската Област, преку Телеграм соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана работеле.
Кулеба не ја откри локацијата на нападот, но рече дека спасувачките екипи се на местото на нападот.
Олександр Старук, шеф на регионалната државна управа на Запорожје, рече дека руските сили ноќта нападнале со ракетите С-300 и со ирански беспилотни летала.
„Објекти на енергетската инфраструктура се оштетени како резултат на нападите“, додаде Старук.
Украинската нуклеарна централа во Запорожје, која е под руска контрола од март, е во центарот на зголемената загриженост за можна нуклеарна катастрофа меѓу Москва и Киев, кои се обвинуваат меѓусебно за напади врз објектот.
„Запорожје“, една од 10-те најголеми нуклеарни централи во светот, произведуваше 20 отсто од електричната енергија во Украина пред војната.
Иван Федоров, градоначалник на Мелитополскиот Регион Запорожје, рече дека во регионот се случиле четири експлозии.
Според локалните медиуми, во текот на ноќта експлозии се случиле и во Харков, a сè уште нема информации за евентуални жртви.
Запорожје е еден од четирите украински региони, покрај Доњецк, Луганск и Херсон, каде неодамна беа одржани референдуми поддржани од Москва за анексија на делови од источна Украина, што е кршење на меѓународното право.