Büşra Selvi Öğütcen
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
ВАШИНГТОН
Министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, разговараше со сведоците на случувањата во концентрационите кампови во кои принудно престојуваат припадниците на ујгурските заедници во кинеската автономна покраина Ксиџијанг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, соопшти дека Блинкен со посредство на онлајн платформа разговарал со седум лица кои се спасени од концентрационите кампови во Ксиџијанг, како и со членови на семејствата на моменталните притвореници и со активисти за борба за правата на Ујгурите.
„Министерот Блинкен сакаше од прва рака да слушне за сведочењата по тоа прашање. Тој смета дека е важно да се слушнат директните сведочења за злосторствата и принудното притворање на милион Ујгури во Ксинџијанг. Тоа беше прилика и за соговорниците на Бајден да ги изнесат своите мислења и предлози“, изјави Прајс.
Тој истакна дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден води потполно јасна политика за тоа прашање.
„Америка е секогаш поприлично отворена во врска со кршењата на правата, злосторствата и геноцидот, што се случуваат во Ксиџијанг“, изјави Прајс.
Прајс најави можно воведување нови американски санкции за Кина.
САД, Канада, Велика Британија и Европската Унија на 22 март воведоа низа санкции за кинеските официјални претставници поради кршењето на правата на Ујгурите во Ксиџијанг.
Автономната покраина Ксиџијанг е најголемата кинеска покраина во која доминантно живее муслиманско население, што се состои од припадници на туркиската заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Кинеските организации за заштита на човековите права веќе некое време се обидуваат на меѓународната заедница да ѝ укажат на проблемот на ујгурските заедници во Ксиџијанг, во кој милиони луѓе се затворени во т.н. логори за преобразување и доедукација.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) во претходниот извештај наведе дека многу луѓе во Ксиџијанг во изминатите две недели завршиле во притвор во т.н. центри за политичка едукација, а станува збор за лица кои властите ги оцениле како опасни и против нив наредиле т.н. превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на тие центри и јасно им го пренесе тоа на кинеските официјални претставници на состанокот на Дијалогот за човековите права.
Официјален Пекинг негира постоење на такви логори во Ксиџијанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри што се користат за стручно образование.