Servet Günerigök
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ВАШИНГТОН
Соединетите Американски Држави (САД) во средата повикаа на воздржаност во Казахстан, каде дојде до зголемување на општествените тензии поради огромниот раст на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, соопшти дека Вашингтон одблизу ја следи ситуацијата во Казахстан, кој го нарече „ценет партнер“.
„Ги осудуваме актите на насилство и уништување имот и повикуваме на воздржаност и од властите и од демонстрантите“, рече Прајс.
Тој рече дека САД бараат од сите Казахстанци да ги почитуваат и бранат уставните институции, човековите права и слободата на медиумите, вклучително и преку обновување на интернет-услугите.
„Ги повикуваме сите страни да најдат мирно решение за вонредната состојба“, додаде тој.
Обединетите нации (ОН), исто така, ги повикаа властите и демонстрантите „да бидат воздржани, да се воздржат од насилство и да промовираат дијалог“.
Стефан Дујариќ, портпаролот на генералниот секретар Антонио Гутереш, изјави дека ОН со загриженост ги следат настаните во Казахстан.
Возачите во градот Жанаозен во неделата почнаа да демонстрираат против поскапувањето на ТНГ, што набрзо прерасна во масовни протести низ целата земја.
Според казахстанското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 200 лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир откако за време на протестите беа оштетени 37 полициски возила, а 95 полицајци беа повредени.
Сметајќи ја Владата одговорна за протестите организирани против неодамнешното зголемување на цените на гориво, претседателот Касим Јомарт Токаев денеска ја одобри оставката на премиерот Аскар Мамин и неговите министри.
Како што протестите се ширеа низ целата земја претходно истиот ден, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта на запад, за периодот меѓу 5 и 19 јануари, за да ја одржи јавната безбедност. Тој, исто така, воведе полициски час во Алмати, поранешниот главен град на земјата, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Како одговор на масовните протести, Владата во средата одлучи да воведе контрола на цените на ТНГ, бензинот, дизел горивото и основните прехранбени производи за 180 дена.