Diyar Güldoğan
18 Февруари 2025•Ажурирај: 18 Февруари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Високи делегации од Соединетите Американски Држави (САД) и Русија ќе се состанат денес во Саудиска Арабија за да разговараат за ставање крај на војната во Украина, јавува Анадолу.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на претседателот Владимир Путин, Јуриј Ушаков, пристигнаа вчера во главниот град Ријад.
За време на разговорите САД ќе ги претставуваат државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Средбата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела имаше одделни телефонски разговори со Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски во обид да се стави крај на тригодишната војна.
Сепак, Украина нема да учествува во преговорите бидејќи не е поканета. Зеленски истакна дека Украина „никогаш нема да прифати“ каков било договор склучен без учество на Киев.
Денес Зеленски ќе се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во главниот град Анкара, каде што ќе разговараат за билатералните односи, најновите случувања во Украина и за други регионални и глобални прашања.
Лидерите на неколку големи европски земји се собраа вчера во Париз на покана на францускиот претседател Емануел Макрон за да разговараат за трансатлантските односи, ситуацијата во Украина, можните мировни преговори и безбедноста во Европа.
Американско-европските односи се влошија овој месец откако Трамп иницираше директни разговори со Путин за мировните преговори за Украина без европско учество.
На Минхенската безбедносна конференција викендов, Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина, потврди дека Европејците нема да бидат поканети на планираните американско-руски мировни преговори за Украина.