Handan Kazancı
05 Октомври 2022•Ажурирај: 05 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) и Јужна Кореја истрелаа вкупно четири проектили земја-земја во Источното Море во рамки на заедничките вежби еден ден по лансирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, соопшти јужнокорејската војска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Двете страни лансираа по две ракети на Армискиот тактички ракетен систем (ATACMS), кои прецизно погодија лажни цели и ја покажаа способноста на сојузниците за одвраќање на идни провокации“, објави новинската агенција „Јонхап“ со седиште во Сеул, цитирајќи го соопштението на Заедничкиот генералштаб на Јужна Кореја.
Вчера, американското Министерство за одбрана соопшти дека се извршени одделни воени вежби со Јапонија и Јужна Кореја како одговор на севернокорејското лансирање балистичка ракета со долг дострел.
„САД ги осудуваат овие акции и ја повикуваат ДПРК да се воздржи од понатамошни незаконски и дестабилизирачки дејствија“, истакна Патрик Рајдер, портпарол на Пентагон, мислејќи на Демократска Народна Република Кореја, официјалното име на Северна Кореја.
Вчера, јапонското Министерство за одбрана соопшти дека Северна Кореја најверојатно лансирала балистичка ракета која може да стигне до префектурите Аомори и Хокаидо во северна Јапонија и ги предупреди жителите да бараат засолниште.
Министерството подоцна соопшти дека ракетата веќе паднала. Тоа е првпат Северна Кореја да истрела балистичка ракета над јапонскиот архипелаг во последните пет години.
Јапонскиот министер за одбрана, Јасуказу Хамада, изјави дека проектилот прелетал 4.600 километри, што е најдолгото растојание досега за ракета со среден или подолг дострел истрелана од страна на Северна Кореја, достигнувајќи височина од 1.000 километри.
„Ракетата прелета над Јапонија за околу една минута и падна надвор од ексклузивната економска зона на земјата, на околу 3.200 километри источно, во Тихиот Океан“, рече Хамада.
Минатата сабота Северна Кореја, исто така истрела две балистички ракети со краток дострел во Источното Море.
Се смета дека причина за ескалацијата на тензиите од страна на Северна Кореја се заедничките воени вежби на Јужна Кореја, САД и Јапонија во Источното Море.
Тензиите на полуостровот се зголемија во 2020 година кога Северна Кореја ја ракетираше меѓукорејската канцеларија за врски долж границата. Сеул се закани со силен одговор доколку Пјонгјанг „дополнително ја влоши ситуацијата“.
Но, тензиите дополнително пораснаа минатата година кога и Сеул и Пјонгјанг ги зајакнаа воените вежби со цел покажување на својата моќ.