Servet Günerigök
03 Октомври 2024•Ажурирај: 05 Октомври 2024
ВАШИНГТОН (АА) – Во ураганот Хелен, кој ги зафати Соединетите Американски Држави (САД), потврдени се најмалку 202 загинати лица, пренесува Анадолу.
Ен-би-си њуз јави дека најмалку 98 од смртните случаи се регистрирани во сојузната држава Северна Каролина, 19 во Флорида, 33 во Џорџија, 39 во Јужна Каролина, 11 во Тенеси и две лица во Вирџинија.
Бројот на загинати е објавен во пресрет на посетата на претседателот Џо Бајден на погодените области во Флорида, каде што ќе добие оперативен брифинг во Китон Бич. Тој, исто така, ќе го посети подрачјето на Реј Сити, Џорџија.
Стотици сѐ уште се водат како исчезнати по ураганот.
Хелен е најсмртоносниот ураган што досега ги има погодено САД, по ураганот Катрина во 2005 година.
Доцна во четвртокот се спушти во заливот на Флорида и зад себе остави разурнато крајбрежје во должина од 1.046 километри до сојузните држави на Атлантикот.
Бајден и потпретседателката Камала Харис вчера ги посетија погодените подрачја во одделни патувања во Северна Каролина, Јужна Каролина и Џорџија.
При посетата на Каролина, Бајден од воздух го разгледа Ешвил, Северна Каролина, еден од најтешко погодените региони.
Американскиот претседател, исто така, му наложи на Пентагон да испрати до 1.000 војници на активна должност за да ѝ помогнат на Националната гарда на Северна Каролина.