свет

САД: Нападите на израелските доселеници врз палестинските цивили на Западниот Брег мора да престанат

„Израелските власти мора да преземат мерки за заштита на сите заедници.

Michael Gabriel Hernandez  | 16.08.2024 - Обновена : 17.08.2024
САД: Нападите на израелските доселеници врз палестинските цивили на Западниот Брег мора да престанат

ВАШИНГТОН (АА) - Белата куќа соопшти дека нападите извршени од „насилни доселеници“ врз палестинските цивили на окупираниот Западен Брег „се неприфатливи и мора да престанат“ откако едно лице беше убиено при напад на толпа во мало палестинско село, јавува Анадолу.

„Нападите на насилните доселеници врз палестинските цивили на Западниот Брег се неприфатливи и мора да престанат“, изјави за Анадолу портпаролот на Советот за национална безбедност, кој сакаше да остане анонимен.

„Израелските власти мора да преземат мерки за заштита на сите заедници. Ова вклучува интервенирање за запирање на таквото насилство и повикување на одговорност на сите сторители на такво насилство“, додаде портпаролот.

Според очевидци, илегални еврејски доселеници упаднале во гратчето Џит, сместено покрај главниот пат меѓу Наблус и Калкилија, синоќа, отворајќи оган врз жителите, фрлајќи камења по домовите и запалувајќи најмалку една куќа и неколку возила, при што загина едно лице.

Очевидци, исто така, рекоа дека израелските сили им обезбедиле заштита на доселениците и спречиле возила на Палестинската цивилна одбрана да влезат во гратчето.

Цитирајќи израелски безбедносен извор, израелското армиско радио објави дека во градот упаднале над 100 доселеници.

Изворот истакна дека доселениците запалиле четири дома и шест возила во сопственост на Палестинци и фрлале со камења и молотови коктели врз жителите и нивниот имот.

„Инцидентот заврши без никакви апсења, а неколкумина Палестинци настрадаа од вдишување солзавец истрелан од израелски војници“, се додава.

Во текот на изминатите неколку години израелската војска спроведува редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година.

Според Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 632 Палестинци, а речиси 5.400 се повредени од оган на израелската војска на окупираната територија.

Меѓународниот суд на правдата на 19 јули ја прогласи повеќедецениската окупација на палестинските територии од страна на Израел за „нелегална“ и побара евакуација на сите постојни населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.